Ова е прв чекор во правата насока

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.

Денес во Загреб се одржуваат локални избори. Милан Бандич – сегашниот лидер на Социјалдемократската партија – веќе 16 години е градоначалник на Загреб. Неговите мандати беа обележани со корупциски скандали и продлабочување на лошата социјална положба на мнозинството граѓани.

Локалните избори во Хрватска се значајни и по тоа што на нив за првпат се појавува широка коалиција на левицата во постјугословенскиот период и тоа во главниот град под слоганот „Загреб е наш“. По тој повод, пренесуваме интервју на Машина со Катарина Пеовиќ Вуковиќ, компаратистка и членка на партијата „Радничка фронта“, која сочинува една петтина од коалицијата која, според некои анкети, има сериозни шанси да го надмине изборниот праг и да влезе во загребското градско собрание.


Кој ја сочинува платформата „Загреб е наш“ и зошто вашата партија сметаше дека за овие избори е потребно да се формира широка коалиција?

Коалицијата ја сочинуваат „Радничка Фронта“, „Нова Левица“, „Загреб е Наш“, „Орев“ и „За Градот“. Се работи за пет групи кои се во главно со лева ориентација. Некои од нив, како „Нова Левица“, се формираа неодамна; други, како „Загреб е Наш“, се уште понови.  „Радничка Фронта“; „Орев“ и „За Градот“ постојат подолго. Коалицијата настана со цел да артикулираме леви позиции. Специфично е тоа што ова е единствената лева опција на овие избори. Порано постоеше некој вид фракционерство и секташтво во левицата, но сега за првпат одиме заедно на избори и, всушност, ја претставуваме единствената лева опција на изборите ако го исклучиме т.н. „лев центар“, кого реално не можеме да го сметаме за навистина лев.

Зошто не можеме да го сметаме за лев?

Иако својот политички спектар го декларираат како левичарски, тие, всушност, застапуваат ригидни пазарни принципи, заговараат приватизација и финансијализација, како и транзиција кон уште порадикални насоки во однос на правата на работниците. Познато е дека токму социјалдемократите го донесоа Законот за труд, кој работниците ги доведе во уште понеповолна положба од претходно. Нивната социјалдемократија е сомнителна и не се разликува многу од тоа што се нарекува десен центар. По секоја дефиниција тие не се левица.

Кои се највидливите проблеми на мнозинството граѓани на Загреб и Хрватска кои испливаа на површина по повеќедецениското владеење на „левиот“ или десен центар, а кои вашата платформа ќе настојува да ги реши?

На државно ниво, кое не е во фокусот на овие избори, тоа се дефинитивно проблемите кои веќе ги споменав. Правата на работниците се деградираат, се приватизира сè, се спроведуваат бриселските препораки, кои водат кон дополнително осиромашување на луѓето. Тука е и примерот со актуелното прашање за недвижнините – предлог-законот за воведување данок на недвижнини, условен од тоа што мнозинството хрватски граѓани поседуваат имоти наследени од викендаштвото кое некогаш го живеевме во социјалистичка Југославија. Тие последни остатоци на социјалната држава кои ги живеевме сега ни се одземаат. Транзицијата, која во Хрватска ја доживуваме на ова ниво, создава проблеми кои вистинската левица би требало да ги решава.

А на локално ниво?

„Радничка Фронта“, освен во Загреб, учествува и на изборите во Сплит, Самобор, Пула и Истарската жупанија. Примерот на Загреб е можеби најилустративен. За време на шеснаесетгодишното владеење на каубојскиот градоначалник Милан Бандич, на градско ниво сите проблеми пораснаа, а градот назадуваше. Загреб веќе со години не вложува во сообраќајна инфраструктура. Загреб е еден од непријатните градови за живот што се однесува до отпадот. Загреб е проблематичен и од аспект на многу слабите здравствени, социјални и образовни капацитети. Тоа што Бандич 16 години не го решаваше сега ни се враќа за наплата со камата. Се чини дека крајот на неговото владеење е тука, иако тоа не можеме со сигурност да го тврдиме до крајот на изборите.

На локално ниво, кандидатите и кандидатките кои се борат за превласт нудат некој тип социјалдемократија како алтернатива. „Радничка фронта” се обидува да направи дистинкција помеѓу левиот центар и вистинската левица. Ако на власт дојдат социјалдемократите, состојбата воопшто нема да се промени, тоа што тие го нудат е само декор.

За крај, претставете ги темелните идеолошки принципи на вашата организација. Што можеме да очекуваме од вас во однос на артикулација на политички идеи и со што ќе настојувате да го освежите хрватскиот политички простор?

Радничка фронта” е партија која на политичкиот терен игра на сосема јасни позиции. Тоа што нам ни е важно е работите да се нарекуваат со вистинското име, а не со термини кои целат да ја ублажат реалноста и на крај ги повторуваат истите грешки од минатото.  Основниот принцип кој го промовираме е антикапитализам и директна демократија. Тоа нè одвојува од сите други опции. Што значи антикапитализам? „Радничка фронта” теоретски и практично се заснова врз марксизмот, што значи дека антикапиталичкиот пристап е наш императив како лева партија. Ова значи враќање на прашањето за начинот на производство и производствените односи во капитализмот. Иако може многу да се направи и преку синдикалната борба и социјалните механизми, ние предупредуваме за суштината на проблемот. Она што никогаш нема да го осигураме со тие механизми е праведна општествена распределба. Таа е возможна само доколку економијата не се заснова врз вишок на вредност. На ниво на хуманизмот, нашиот став е многу едноставен, банален и приемлив, а тоа е дека никој не би требало да работи за друг. Основна карактеристика на капиталистичкиот начин на производство која многу „леви“ партии не ја предизвикуваат е експлоатацијата. Колку и да се прикрива тоа, за еден да создаде вишок вредност и профит, друг мора да биде експлоатиран. Денес нам ни се чини дека прекарните работници и старт-ап моделите постојат во некој друг, вакум простор. Но, ништо се нема променето од доцниот 19 век – и денес профитот настанува како последица на експлоатацијата. Нам ни е јасно дека во политичката битка можеме да застапуваме и некои други методи, но крајната цел ни е правилната распределба на општествената добивка, а тоа е возможно само во облик на работничко самоуправување приспособено на времето во кое живееме.

Извор: Машина