Крупниот капитал секогаш на страната на победниците

Со добивањето на мандатот за состав на новата Влада, неофицијално веќе во јавноста започнаа да излегуваат имињата на можните кандидати за министерски места. Во оваа насока се и информациите кои излегоа во разни медиуми за позицијата вицепремиер за економски прашања. Имено, според овие информации, за оваа позиција се спомнуваат бизнисменот Кочо Анѓушев, но и бизнисменот Неби Хоџа, по предлог на Стопанска комора на северозападна Македонија. Овие предлози се надоврзуваат, како што истакнуваат и самите стопански комори, на предизборно ветување на СДСМ. Стопанските комори истакнуваат дека ова би придонело за подобрување на бизнис климата во државата и подобрување на комуникацијата меѓу бизнис секторот и Владата. „Бараме зголемено учество на бизнис заедницата во подготовката на законите и усогласувањето на законските измени со барањата и потребите на бизнисот и активно учество во контролирањето на владините економски политики“ – истакнуваат од Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Ваквата пракса на директно вклучување на бизнис секторот во креирањето на политиките не претставува преседан во Македонија. Вицепремиерот за економски прашања во претходната Влада, Владимир Пешевски, исто така беше назначен по предлог на стопанските комори, како претставник на бизнис секторот. Аргументацијата со која беше „оправдана“ оваа одлука е истата како и овој пат, односно подобрување на бизнис климата. Секако, ова беше една од клучните пораки на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, имено, високото котирање на Македонија на „Дуинг Бизнис“ беше токму во оваа насока. Ваквата пракса, со која се фаворизираше интересот на бизнисот, резултираше со рекордно висока економска нееднаквост, но и со деградирачки услови за работниците.

Оттука се наметнуваат неколку прашања. Пред сè, што значи подобра бизнис клима и како истото кореспондира со интересите на другите чинители? Прво, дали подобра бизнис клима значи создавање закони кои ќе овозможат поголема флексибилност за бизнисите, дали тоа значи можност за поголем профит, акумулација на капитал кај веќе крупниот капитал? Второ, какви импликации би имало ова врз благосостојбата на работниците? Имајќи предвид дека интересот на капиталот неретко оди во директен судир со интересот на работниците, нужно се наметнува прашањето дали новата Влада има намера да го продолжи континуитетот на намалување на работничките права за сметка на интересот на крупниот капитал, како што, впрочем, покажуваа студиите на Движењето за социјална правда Ленка „Обезвреднување на трудот 1“ и на Левичарското Движење Солидарност „Обезвреднување на трудот 2“.

Ако земеме предвид дека овојпат не станува збор за Влада предводена од десна партија, туку за начелно социјалдемократска партија, ситуацијата е навистина загрижувачка. Доколку двете најголеми партии се застапници на интересот на бизнис заедницата, кој тогаш го брани интересот на работниците? По сè изгледа, крупниот капитал е секогаш на страната на победниците.