Амнестијата е кривично дело

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Иницијатива „Илинден“ на 27 април еклатантно го прекрши правниот поредок на државата со насилниот упад во Собранието на Република Македонија. Веќе не станува збор единствено за латентното ширење ксенофобија и национализам, ниту само за опасноста од улично крвопролевање, која од ден на ден растеше, туку зборуваме за извршениот обид за убиство на одредени пратеници.

Настаните кои се случија тој ден се кривично дело и сторителите треба да одговараат, доколку сè уште имаме каква било намера да го почитуваме законот во Република Македонија. Изјавата на Ѓорѓе Иванов на „Само вистина“ на Канал 5, во која суптилно побара од парламентарното мнозинство да ги амнестира осомничените и обвинетите, нè води во комплетно спротивна насока.

„Доколку сакаат новите пратеници од новиот состав на Собранието да покажат акт на добра волја, на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001. Сите тие емоции, сето она што се случуваше, не ѝ доликува на земја што, еве, 26 години е независна. Меѓутоа, имајте предвид дека ние во 2001 година имавме воен конфликт, па најдовме начин на помирување“, изјавува Иванов, споредувајќи ги настаните од 2001 со настаните кои се случија во Собранието.

Иванов во оваа изјава изостава две работи.

Првата е судскиот процес кој до ден денес се води против учесниците во „Шарената револуција“, обвинети за демолирање на претседателската канцеларија. На тој план, Иванов воопшто не делуваше и сè уште не делува заинтересиран да повика на амнестија, небаре кршењето канцелариски инвентар е поголем престап од обидот за одземање човечки живот.

Втората е одговорноста на полициските структури за настаните во Собранието на 27 април. Сведоци бевме на една нетипична организираност (особено доколку ја споредиме со нивото на подготвеност за време на „Протестирам“ и „Шарена револуција“) која целосно ги допушти насилните настани во Собранието. Токму кај нив лежи најголемата кривица за настанатата ситуација. Тие беа неуспешни (намерно или ненамерно) во заштитувањето напратениците кои беа избрани од страна на македонските граѓани, иако не се соочијасо вонредно голема толпа. Да се запрашаме само дали за време на најмасовните протести на „Шарена револуција“ беше возможно да се влезе во Собранието?

Доколку учесниците во насилниот влез во Собранието поминат неказнети, правиме силен преседан кој сугерира дека обидот за убиство е оправдан, доколку има националистичка поткрепа, што воопшто не води кон изградбата на држава во која функционираат институциите. Доколку полициските структури не бидат детално преиспитани, ќе покажеме дека тие се единствено во служба на властодршците, што сериозно го поткопува легитимитетот на правниот поредок на државата.

Затоа, амнестијата во овој случај самата преставува кривично дело!