Се подготвува ли влез на Македонија во НАТО без референдум?

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


„Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.“
Член 120 од Уставот на Република Македонија.

Толкувајќи го доследно Уставот на Р. Македонија, оправдано се добива впечаток дека нема место за загриженоста на која алудира насловот на овој текст. Преку пропишаната задолжителност на референдумот, се добива впечаток дека самиот Устав е гарант на демократичноста на одлуката ЗА или ПРОТИВ членството на Македонија во воен сојуз, или, воопшто, одлуката против членување во било кој воен сојуз. Сепак, поканата за влез во НАТО е реалност и во секој миг може да пристигне (пречка за тоа можеби е незавршениот докрај трансфер на власта во Р. Македонија).

Што се случува во соседството? Црна Гора ја делат неколку денови од влезот во НАТО.

Парламентот на Црна Гора и парламентите на државите членки во НАТО го потпишаа договорот со кој се ратификува влезот на Црна Гора во НАТО. Министерот за одбрана Предраг Бошковиќ и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, само што најавија дека Црна Гора ќе учествува на самитот на НАТО кој ќе се одржи на 25 мај во Брисел, а формално земјата ќе биде примена во деновите по одржувањето на самитот.

Црногорскиот парламент ја донесе одлуката без учество на опозоцијата во парламентот. Опозициската коалиција „Демократски фронт“ одржуваше протести против влезот на Црна Гора во НАТО, со единствено барање: за тоа прашање да се праша народот на референдум. Про-НАТО власта на Мило Ѓукановиќ се оглушува на овие барања и го турка процесот насила преку своето парламентарно мнозинство. Насилни судири на улиците во Подгорица не се исклучени. Тие се сè поизвесни, имајќи ја предвид забрзаната динамика на процесот. Сепак, владејачкиот режим на Црна Гора се ослонува на надворешната поддршка и на полицијата.

Во каква општествено-политичка-информативна атмосфера Р. Македонија ја чека поканата за влез во НАТО?

Влезот во НАТО и ЕУ остана последната, нетестирана во реалноста, приказна од транзицијата. Кога парламентарната демократија и приватизацијата не ги донесоа ветените резултати, туку, напротив, со сета жестокост ни го донесоа дивиот капитализам од 19 век пред очи, уште евроатланските интеграции останаа последното магично стапче во рацете на политичарите за магично средување на сè што не чини во македонската безбедносна и особено, како што велат, економска состојба. Во партиските соопштенија и одјавните настапи на партиските лидери не може да се види ни најмал сомнежи за, како што велат, „нужноста на евроатланските интеграции“ или „неопходноста од влезот на Македонија во НАТО“.

ДУИ, ДПА и останатите албански партии ниту имаат желба да влезат во јавна расправа зошто мора во НАТО и зошто мора час поскоро. Нивниот единствен аргумент е спорен: „Влезот во НАТО е од суштествен интерес на Албанците“. Нејасно е од каде им се овие податоци (со анкетите во продолжението на текстот ќе биде објаснето зошто не се релевантен показател на јавното мислење). За просечниот македонски граѓанин со алабанско етничко потекло, кој е невработен или зема плата под просечната плата утврдена на ниво на РМ, спорна е логиката која вели дека НАТО му е поприоритетно од излезот од сиромаштијата и бесперспективноста тука.

СДСМ сака да наметне дека оваа логика важи и за, условно речено, македонскиот табор. Безусловен и неодложен влез во НАТО и ЕУ е единствениот став од кој досега не ретерирал СДСМ. Се наметнува мислењето дека влезот на Македонија во НАТО ќе ја осигурел безбедноста на странските инвестиции, ќе ја зголемел довербата на странските иневеститори во нас, а сето тоа ќе значело збогум на сиромаштијата и збогум на политичката и меѓуетничката нестабилност.

ВМРО ДПМНЕ, пак, во секое партиско соопштение и интервју повторува дека НАТО е единствениот пат по кој треба да оди Македонија. Иако притиснати до ѕид да ја напуштат власта, највисоките вмровски функционери во ниту еден свој говор „против странските сили“ не го ставија в уста НАТО или политиката на НАТО кон регионот и светот. Транзициските политичари се водат од реалполитичката теоријата и секогаш се со најсилниот, сè со цел непречено да владеат и на тој начин непосредно да учествуваат во распродажбата на националните богатства и капацитети, полнејќи ги неказнето џебовите со милиони/милијарди евра.

Ваквата бетонирана позиција е трпеливо градена низ последните 22 години (во 1995 е потпишан првиот договор за отпочнување подготовки за влез во НАТО). Затоа, не треба да чуди тоа што северноатланскиот воен пакт НАТО за сите тие години беше претставен како еден вид религија. А религијата не е подложна на доследна морална критика и научна опсервација. Затоа, темата „Македонија во НАТО“ не е доволно покриена во дебатите во медиумите, а кога е покриена, на истата, во најголем број случаи, говорат единствено апологетите на евроатланските интеграции, кои ги има во секоја пора на опшествениот и информативно-политичкиот живот. Во државите во транзиција, религијата (од кој било вид) е поставена над Уставот. Затоа, целосно неприметно и без отпор помина рушењето на концептот на народната одбрана. Сега одбраната е целосно реформирана по НАТО стандарди, без народот да биде прашан дали воопшто сака да започне претпристапни договори со овој воен пакт. Апологетите, како противтежа на ова тврдење, истакнуваат сопствени анкети и со нив мафтаат небаре неспорен, крунски доказ дека „народот бил прашан“. Парламентарната демократија треба да се раководи според анкети – така ја подразбираат демократијата овие експерти.

Дали анкетите се реален показател на јавното мислење или истите се фингирани во насока влезот во НАТО да помине без референдумско изјаснување на граѓаните на Р. Македонија?

Колку се реални анектите кои покажуваат висока, недвосмислена поддршка на граѓаните на Р. Македонија за влез во НАТО (70%, 80%, 90%), ќе покаже самиот однос на новата Влада кон Уставот, дали доследно ќе го испочитува, ставајќи го на референумско изјаснивање прашањето „Дали сте за влез на Р. Македонија во НАТО?“. Секое постапување на идната власт спротивно на ова ќе ги потврди сомнежите дека овие анкети се нереални. Не е исклучена и можноста да се истурка влезот во НАТО без референумско изјаснување, со изборен фалсификат, доколку се тесни резултатите, или со поставување конфузно референдумско прашање).

Замислете 25 години да читате и слушате само анекети на истражувачките центри за јавно мислење под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Во нив поддршката на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не опадна, а партијата дефакто е опозиција по резултатите на последните парламентарни избори. Наравоучение: нешто не било во ред со тие анкети! Иста е ситуацијата со истражувањата на јавното мислење во врска со „неопходноста“ за влезот на Р. Македонија во НАТО. Во ситуација кога раководствата на големите партии се недвосмислено ЗА влез во НАТО, а медиумите и центрите за истражување на јавното мислење се под нивна контрола, тогаш сосем очекувани се резултатите кои велат дека поголемото мнозинство граѓани на Р. Македонија се за влез во НАТО. Од една страна, резултатите се очекувани (со оглед на тоа што анкетите во Р. Македонија служат повеќе за креирање јавно мислење, отколку за испитување на истото), а, од друга страна, резултатите се спорни и неподложени на независна обработка.

Затоа, одлуката ЗА или ПРОТИВ влез на Македонија во НАТО мора да биде донесена на референдум, преку процес кој нема да биде силуван од страна на апологетите на НАТО, без оглед дали тоа се политичарите, дипломатите или новинарите. Во свет во кој сè поизвесни се директните воени судири меѓу НАТО и останатите воени велесили како Русија и Кина, бирањето страна е одлука за влез во туѓа војна и давање зелено светло за гинење на наши војници во жариштата кои ги отвора и никогаш не ги гасне НАТО. За таква крупна одлука народот мора да биде прашан и мора слободно да одлучи.

Зоран Василевски