Версај, Македонија

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Иванов го даде мандатот за составување Влада. Заврши „кризата што ќе стави крај на сите кризи“. Нашиот „Версајски договор“ беше потпишан денес со предавањето на мандатот во замена за гаранции за „зачувување на унитарноста“, што и да значи тоа ветување. И сега? На 28 јуни 1919, францускиот маршал Фердинанд Фош, кога го видел Версајскиот договор, изјавил: „Ова не е мир. Ова е само примирје од 20 години.“ За жал, бил во право.

Денес многумина се понесени од доделувањето на мандатот. Чувствуваат дури и „слобода во воздухот“. Други, пак, се чувствуваат како маршалот Фош во 1919: колку години ќе трае ова политичко примирје? Во наредниот период не може да се очекуваат чудотворни политики. Ниту пак суштински промени. Веќе најавените предлог-мерки и кадровски промени кажуваат дека новите политики нема да бидат социјалдемократски. А за уште покоренити промени можеме само да сонуваме. Данокот, кој требаше да биде „пофер“, излезе дека ќе се намали за одредени бизниси. Економијата, која требаше да овозможи живот за сите, излезе дека ќе биде предводена од претставник на газдите. Покачувањето на платите, кое требаше да ја закрепне нашата економија, излезе дека ќе е субвенционирано од и онака презадолжениот буџет. Ова, комбинирано со коалицирањето со луѓето кои и самите ги обвинуваа за криминал, не дава надеж за владеењето на СДСМ.

Затоа, може да се очекува разочарување. Но, едно разочарување е веќе присутно и треба да се очекуваат неговите последици. Евидентно е дека најрадикалните елементи кај членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ се разочарани од нивната партија. Овие луѓе, како што видовме при нивниот упад во Собранието, се спремни на многу нешта. Една година по Версајскиот договор во Германија е формирана Национал-соцјалистичката германска работничка партија или, како што е попозната, Нацистичката партија. Кај нас веќе се јавија протофашистчки движења како „Тврдокорни“. Колку време останува пред една таква струја да почне посериозно да ги артикулира своите радикални ставови?

Оние луѓе кои се надевале на промена по доаѓањето на власт на Никола Груевски во 2006 денес важат за најскептични. Тие сметаат дека ниту сега нема да има суштинска промена на подобро и дека се ќе биде „по старо“. Со оглед на светската историја, дури и овој став се чини премногу оптимистичен. Останува само да се надеваме дека овој пат Фош греши.