Интернационализација на женската борба во Полска
Полска е една од најрестриктивните држави во Европа кога е во прашање абортусот, воедно е и меѓу ретките земји во Европската Унија кои сè уште имаат забрана за слободно извршување абортус. Поконкретно, забраната се однесува на секој тип абортус со исклучок на случаите кога затруднувањето е резултат на силување или инцест, кога здравјето на мајката е под сериозен ризик или во случаите кога фетусот е сериозно деформиран. Ваквите строги регулативи датираат од почетокоте на 90-тите години. Имено, непосредно по распадот на комунистичкото управување и воведувањето на плурализмот во 1990 година, новите власти воведуваат рестриктивни регулативи по ова прашање, а финално со законски промени во 1993 го доведуваат до статусот во кој се ноаѓа и денес.
Од тој период до денес имало повеќе иницијативи кои главно извираат од конзервативните кругови на граѓанското општество, вклучително и од католичката црква, како и од конзервативните политички партии, пред сè од Партијата на правото и правдата, кои целеле кон уште поголема рестрикција на абортусот, а спротивно на ова постоеле и иницијативи кои се залагале за поголема либерализација.
Последната иницијатива по ова прашање беше покрената во 2016, а се однесуваше на зголемувањето на рестрикцијата врз аборутусот. Оваа иницијатива, иако со поддршка од владеачката Партија на правото и правдата, не произлезе од таму, туку од група на граѓани обединети под слоганот „Сопри го абортусот“. Преку иницијативата се бараат законски измени со кои не само што целосно би се забранило абортирањето во сите случаи, укинувајќи ги и постојните можности, туку предвидуваат и затворски казни до 5 години за жени и доктор(к)и вмешани во операции за абортирање.
По поминувањето на формалните процедури за поднесување законска иницијатива, предлогот на „Сопри го абортусот“ стигна до парламентот, каде мнозинството го има Партијата на правото и правдата, која покажа отворени симпатии кон иницијативата. Ваквата ситуација произведе силен отпор кај голем дел од жените, бројни феминистички организации, разни левичарски и либерални иницијативи, партии и структури во полското општество. Формата на отпор против рестриктивниот предлог која ја заземаа овие иницијативи беше прогласување штрајк на жените и масовен протест низ градовите во Полска, несомнено – тактика инспирирана од успешанта борба за женски права во Исланд во 70-тите години.
Штрајкот и протестите, познати и под името „Црн простест“, добија огромна поддршка внатрешно во Полска, но и меѓународно, и успешно се изборија против предложените рестриктивни мерки, премислувајќи ги парламентарците кои претходно ја поддржуваа иницијативата на „Стоп за абортусот“. Оваа победа врз конзервативните сили во Полска, иако дефанзивна, се покажа како значаен успех, кој ги мотивира организациите да ја продолжат борбата офанзивно и да започнат иницијативи за понатамошна либерализација на абортусот.
Дополнителен аспект, кој исто така преставува значаен успех, е меѓународната солидарност која ја покажаа бројни групи во многу европски и светски градови. Меѓународниот карактер што го стекна беше значаен импулс за феминистичките организации ширум Европа, кои во моментов се обидуваат да се обединат во еден колектив, и да започнат Европска кампања за слободен абортус. Европската кампања има за цел да оствари водење координирана симултана борба за либерализација на законските регулативи по ова прашање во земјите каде што има забрани за абортусот, додека во земјите каде што е дозволен, борбата ќе се насочи кон други проблеми, како подобрување на условите на здравствениот систем. Имено, борбата на феминистичите организации, која започна во Полска како локална реакција, преку меѓународната солидарност прераснува во борба со меѓународен карактер. Ова добро ја отсликува денешната меѓуповрзана и глобализирана реалност на политичкиот свет.