Недела на рускиот филм по повод Денот на Победата над фашизмот

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Во тек е Неделата на рускиот филм по повод Денот на Победата над фашизмот во Кинотека на Македонија. Програмата можете да ја најдете подоле.

9 мај (вторник) 20:00 ч.
28 ПАНФИЛОВЦИ
(28 панфиловцев/ Panfilov’s 28 Men)
Игран филм, Русија
2016 г., 105 мин., колор, ХД
Режисер: Ким Дружинин, Андреј Шалопа (Kim Druzhinin, Andrey Shalopa)
Сценарио: Андреј Шалопа (Andrey Shalopa)
Улоги: Максим Абросимов, Сергеј Агафонов, Максим Белбородов (Maksim Abrosimov, Sergey Agafonov, Maksim Belborodov)

СССР, доцен ноември, 1941 година. Приказна според сведоштвото на репортерот Василиј Коротеев кое било објвено во весникот „Црвена ѕвезда“ на Црвената армија. Филмот 28 ПАНФИЛОВЦИ ја раскажува приказната за легендарните 28-мина војници на Црвената армија од 316 пешадиска дивизија кои под команда на генералот Иван Панфилов (од каде доаѓа и насловот на филмот „28 ПАНФИЛОВЦИ“) во студениот ноември во 1941 година со денови се спротивставувале на 54-те нацистички тенкови од 11-тата Панцер дивизија кои напредувале кон Москва.
Иако биле вооружени само со стандардна опрема „мосин-нангант“ пушки за пешадија и митралези, кои се бескорисни против тенкови, и со сосема несоодвенти противтенковски гранати, тие неуморно, непокорно, со невообичаена храброст и непоколеблива посветеност, се бореле за да ја заштитат Москва и нивната татковина. „Ова е филм за хероите, не е документарец“, во една прилика ќе изјави за овој врвен историски спектакл продуцентот на филмот Антон Јудиншев.
Филмот 28 ПАНФИЛОВЦИ е снимен со помош на буџет кој бил собран со помош на т.н. „crowdfunding”, што всушност значи финансирање или вложување средства за реализирање на одреден проект со помош на собирање на парични средства од голем број луѓе. Овој начин на собирање на финански средства стана популарен во последниве години, по што на светскиот пазар се појавија т.н “crowdfunding” платформи како “IndieGoGo”, “Kickstarter”, “Microventures” со чија помош се реализираат најразлични проекти, од филмови па се до научни потфати. На овој начин филмот 28 ПАНФИЛОВЦИ собрал повеќе од 34 милиони рубљи (над половина милион евра) и така тој стана најуспешниот филмски “crowdfunding” проект во кој донирале точно 35.086 луѓе. Сите тенкови во филмот се модели комбинирани со снимки од екстериери. Моделите се правени во размер 1:16, додека ентериерите во тенковите се сценографии изградени според оригиналниот изглед на внатрешноста во тенковите. Ова е еден од најнестрпливо очекуваните филмови во Русија кој ги оправда очекувањата и на публиката и на оние што донирале во филмот.

10 мај (среда) 20:00 ч.
РАКЕТИ НЕ ЌЕ ПОЛЕТААТ
(Ракеты не должны взлететь)
Игран филм, Русија
1964 г., 86 мин., колор, 35 мм
Режисер: Алексеј Швачко, Антон Тимонишин (Алексей Швачко, Антон Тимонишин)
Сценарио: Павел Загребљаниј, Николај Фигуровски (Павел Загребельный, Николай Фигуровский)
Улоги: Евгемој Гвоздев, Лев Полјаков (Евгений Гвоздёв, Лев Поляков)

Германија, 1944 година. Германците ќе започнат да го употребуваат заробениот војник Михаил Скибу во зачестените самоубиствени мисии за деактивирање на нагазни мини. По сознанието дека еден ден тој можеби нема да преживее уште една таква мисија, Михаил ќе го искористи невниманието на стражарите и ќе се качи на еден воен воз кој треба да го однесе назад во Русија. Ова патешествие на војникот ќе биде исполнето со бркотници и авантури.

11 мај (четврток) 20:00 ч.
ОДИСЕЈА ВО ТЕНКОТ
(Жаворонок)
Игран филм, СССР
1965 година, 91 мин., колор, 35 мм
Режија: Никита Курихин, Леонид Менакер (Никита Курихин, Леонид Менакер);
сценарио: Михаил Дудин, Сергеј Орлов (Михаил Дудин, Сергей Орлов);
Улоги: Вјачеслав Гуренков, Генадиј Јухтин, Валериј Погорељцев, Валентинс Скулеме, Бруно Оја (Вяачеслав Гуренков, Геннадий Юхтин, Валерий Погорельцев, Валентинс Скулеме, Бруно Оя)

За време на Втората светска војна, некаде длабоко на германска територија, во летото 1942 година, Германците се обидуваат да го усовршат своето противтенковско вооружување. Како „жива цел“ за време на вежбите ги користат заробените војници и тенкови од Црвената армија. Група руски воени заробеници успеваат да ги измамат Германците и да побегнат со тенкот Т-34. Меѓу населението во регионот владее страв и паника, а германската воена команда, лута на своите пропусти, по секоја цена сака да го пронајде тенкот и да го уништи заедно со неговиот екипаж.

12 мај (петок) 20:00 ч.
ОСЛОБОДУВАЊЕ – ПРОБИВ
(Освобождение – Прорыв)
Игран филм, СССР
1970 година, 85 мин., колор, 35 мм
Режија: Јуриј Озеров (Юрий Озеров)
Сценарио: Јуриј Бондарев, Оскар Курганов, Јуриј Озеров (Юрий Бондарев, Юрий Озеров, Оскар Курганов)
Улоги: Николај Олајин, Лариса Голубкина, Борис Сеиденберг (Николай Олялин, Лариса Голубкина, Борис Зайденберг)

Ова е вториот дел од епската драма ОСЛОБОДУВАЊЕ која е филмувана верзија на војната која ја водел Советскиот Сојуз против нацистичка Германија од 1943 до 1945 година. Секој од петте дела претставува одреден голем воен потфат на источниот фронт. Првиот дел ја претставува големата тенковска битка во 1943 година која е позната како „Битката за Курск“. Вториот дел ја раскажува офанзивата на Долниот Днепар во септември 1943 година. Третиот дел отсликува различни фази од „Операцијата Багратион“ во летото во 1944 година. Четвриот дел ја опишува епската битка „Висло-Одерската операција“ во јануари 1945 година и последниот петти дел кулминира со Битката за Берлин во 1945 година. Филмот прикажува различни лични судбини фатени во воениот виор што се пренесуваат врз колективитетот.

13 мај (сабота) 20:00 ч.
ОФИЦЕРИ
(Офицеры)
Игран филм, СССР
1971 година, 96 мин., колор, 35 мм
Режија: Владимир Роговој (Владимир Роговой)
Сценарио: Борис Василјев, Кирил Рапопорт (Борис Васильев, Кирилл Рапопорт)
Улоги: Героги Јаматов, Василиј Јановој, Алина Покровскаја (Георгий Юматов, Василий Лановой, Алина Покровская)

Филмот е сага која ги следи судбините на двајца пријатели, Алексеј Трофимов и Иван Варава низ годините, од 1920-тите до 1960-тите години. Во 1920-тите години тие заедно служеле војска на границата и се бореле со арамиски банди и разни бунтовници во Централна Азија. Тоа бил мигот кога овие млади луѓе ги слушнале и засекогаш ги запамтиле зборовите на нивниот командант: „Постои една професија – одбрана на татковината“. По војувањето во Кина во војната против Јапонија, а потоа граѓанската војна во Шпанија, следи Големата татковинска војна. Двајцата напредуваат во кариерите, Варава дипломира на Воената академија, додека Трофимов со својата жена ги поминува беспаќата на многуте војни во кои учествува за време на неговиот ангажман во војската. За време на Татковинската војна гине синот на Трофимов, но тој и неговата жена се грижат за нивниот внук Иван, крстен според Варава. Иван станува третата генерација војници од семејството Трофимов, а учи на академијата каде главен е генералот Варава. Филмот е зачинет и со една дискретна паралелна љубовна приказна во која Варава очигледно има чувства кон Љуба, сопругата на Трофимов.