Манифестот на Корбин

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Последниве неколку години, радикалната политика одново зема замав во светски рамки. Сведоци бевме на делумниот успех на Берни Сандерс, првиот посериозен кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави, кој се декларираше себе си како демократски социјалист, а потоа и на Доналд Трамп, човекот, за кој пред неколку години, никој не ни претпоставуваше дека ќе победи на изборите. Во Франција, Меланшон освои 19,58% од гласовите во првиот круг од претседателските избори, а десничарката Ле Пен влезе во вториот круг. Сега, во Велика Британија, Лабуристичката партија, на чело со Џереми Корбин, состави манифест за претстојните избори, закажани на 8 јуни. Првичната и недовршена верзија, која што „протече“ во јавноста, е најрадикално левата изборна програма со која би настапила партијата, после манифестот на Мајкл Фут од 1983 година.

„Протечената“ верзија на манифестот предвидува национализација на железниците и поштата, создавање на нови локални енергетски извори, укинување на универзитетската школарина, зголемување на даноците кај побогатите, зголемување на минималната плата, како и најдеталниот план за работнички права во последните три децении на оваа партија, составен од 20 точки. Корбин изјави дека верува во популарноста на овие мерки кај електоратот и дека истите можат драстично да ги подобрат животите на многу жители на Велика Британија, создавајќи пристојни можности за сите членови на заедницата, каде што никој нема да е „игнориран, заборавен, оставен зад нас“.

По „протекувањето“ на манифестот, Лабуристичката партија одржа состанок на кој беше изгласана и неговата финална верзија, која што наскоро ќе биде и јавно објавена. Во меѓувреме, отпочната е истрага за разоткривање на виновниците за „протекувањето“.

Очигледно станува дека економското и политичкото status quo не успева да ги задоволи потребите на гласачкото тело низ „стабилните“ држави низ светот, како што се Америка, Франција и Велика Британија. Луѓето се приморани да изберат нови економски политики. Затоа, важно е сега, како никогаш порано, будно да се следи политичката ситуација и да се остане информиран, бидејќи, додека манифестот на Корбин (радикален во својата цел да постигне одредена редистрибуција на богатството, со кое и репресираниот работник ќе може да искуси поквалитетен живот) самиот по себе не е воопшто опасен, истото не може да се каже и за десничарските радикални програми, кои сè повеќе инкорпорираат фашистичка реторика во нивниот обид да ја придобијат поддршката на масите. Историјата не научи дека овој пристап умее да биде многу примамлив, посебно кога масите се осиромашени и принудени да се борат за својата егзистенција.

Затоа, не смееме да прифатиме една таква политика, чиј што резултат, во ова време, може да доведе и до крај на човештвото.