Глупав антиимперијализам или стара ксенофобија

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Веќе 72 пати граѓанската иницијатива „Илинден“ ги повикува граѓаните на улица со цел да го искажат својот револт за, како што велат тие, можната имплементација на „Тиранската платформа“. Оваа платформа според нив е неуставна, ја прави Македонија бинационална и е воведен чекор во федерализацијата на Македонија. Покрај тоа, тие сметаат дека платформата е внесена на мала врата во јавноста, односно дека политичките партии пред изборите не ги искажале своите ставови јасно со цел граѓаните да имаат јасен избор, туку напротив тие, според нив, ги изманипулирале граѓаните. Оттука, тие дополнително бараат и нови избори на кои оваа грешка ќе биде поправена.

Но, настрана од нивните номинални барања и залагања, иницијативата „Илинден“ до сега направи два сериозни престапи. Едниот е еклатантното кршење на правниот поредок во државата со насилниот влез во Собранието на Република Македонија и обидот за убиство на одредени пратеници, додека другиот е латентното ширење на ксенофобија, национализам и политички тоталитаризам кој може да резултираат, со оглед на општествената состојба, во улични крвопролевања.

И во самата артикулација на централната точка околу која организаторите го градат својот наратив, „Тиранската платформа“, постои јасно изразена ксенофобија дозирана со голема маса закани. Самата придавка „тиранска“ ја прави формулацијата ксенофобична со тоа што оние граѓани (во овој случај политичари) кои се дел од нашето општество, а кои се de facto авторите на оваа декларација, веднаш ги топонира со географската одредница Тирана, со што нивното барање го толкуваат како нелегитимно и во насока на интересите на друга држава. Понатаму секојдневно во нивните протести можат да се забележат разни појави кои се експлицитно фашизоидни, ксенофобични и насилни. Од испишани пораки, до проблематични говори, до јасни закани упатени до поединци, до терористичко однесување и обиди за убиство, ова севкупно покажува дека оваа групација е свесна што прави и што презема.

Ваквата ксенофобија, која одвај може да се нарече антиимперијализам, бидејќи ѝ недостасуваат јасната политичка артикулација и најважно фактите со кои би се поткрепила антиимперијалната политика, не започна со оваа организација. Таа кај нас своите корени ги има многу одамна, но не може да не се забележи нејзиниот најголем причинител, односно политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Уште од своето доаѓање на власт тие ја започнаа оваа ксенофобична политика која во континуитет и систематски беше развивана сè до денес. Таа кулминираше на денот кога оваа партија ги изгуби изборите, па од еден свој говор лидерот на партијата Никола Груевски јасно посочи дека зад неговиот пораз стојат странските влијанија. Таа изјава беше проследена со низа дејства. Набргу потоа се појавија некролози со странски дипломати. Претседателот Ѓорѓе Иванов во серија свои обраќања на домашната, како и на меѓународната сцена ја засили својата реторика со што и тој го впери прстот кон европските држави. Веднаш потоа во јавноста се појавија неколку фашистички организации како „Тодор Александров“, „Ќосето“, „Тврдокорни“ и др. кои јавно се закануваа на личности кои тие ги означуваа како „предавници“. Се појави организацијата „Стоп операција Сорос“ која целото свое дејствување го потпре на теорија на заговор и од таа позиција дискредитираше низа странски дипломати и домашни политичари. Почнаа протестите „За заедничка Македонија“ кои изобилуваа со вакви појави и конечно кулминираа со насилниот упад во собранието на Република Македонија, момент по кој ксенофобијата се распосла низ целата држава.

Она што е заедничко за сите овие организации е тоа што сите тие ја преферираат политиката на ВМРО-ДПМНЕ пред било која друга во Македонија. Но има една многу парадоксална ситуација. Основната причина за претпочитувањето на ВМРО-ДПМНЕ на сите овие организации им е антиимперијалната политика на партијата и преферирањето на македонскиот народ при создавањето на државните политики. Но многу е неверојатно како на сите овие организации им се испушта фактот дека токму оваа партија во Македонија ги донесе големите странски инвестиции (странскиот капитал), ја задолжи државата, а со тоа посредно ја направи зависна од странската помош, дека оваа партија, секогаш кога тоа и одеше во полза, славеше одредени чекори на другите држави итн.

Ова покажува дека ваквиот антиимперијализам кој што е на повидок во Македонија е смотан или е само обична ксенофобија.